Гошев: Зошто Заев ѝ наложува на Владата што да прави?

Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на РМ и екс министер за финансии, во Интервју за ТВ Нова говори за најавените економски мерки предложени од лидерот на СДСМ и владата во услови на епидемија од коронавирус.



„Прво, би кажал нешто во врска со нагласеното дека „лидерот на СДСМ предложи мерки што Владата треба да ги усвои’’. Тој дури кажа и повеќе од тоа – дека соопштеното мора да стапи во сила, во спротивно ќе следи тоа и тоа.

Се поставува прашањето, зошто СДСМ (преку лидерот) ѝ предлага (всушност и наложува) мерки на Владата, а не Владата која е предводена од СДСМ? Треба ли да заклучиме дека Владата на СДСМ има послаб капацитет од самата партија? Треба ли да заклучиме дека тоа е патот на јакнење на довербата во институциите?

„Кадарните’’ кадри во Партијата (оние што се надвор од надлежните државни институции) им наложуваат на „некадарните“ (на оние што со Уставот и законите се одговорни)  што да прават, а патем, тие таму се сместени од првите -„кадарните’’?

Играријава е проѕирна, но од постојаното сеење магли и дерогации на системот, овие битни нешта станаа „дребулии’’ на кои не треба да им обрнуваме внимание“, вели Гошев во интервјуто за „ТВ Нова“.

Не знам дали ова е „изум’’ на Заев, или на славните советници кои ги накоти околу себе, вели понатаму Гошев.

Сеедно, тој е одговорен, тој го прифатил и соопшти. Оваа намера соопштува повеќе работи: дрскост, безобразлук, незна-ење, вулгарен популизам, погрешна изборна математика, бесчувствителност, примеси на Полпот-изам и Маоизам. И, измамништво – „сите да го понесеме товарот“, наводно! Веројатно оваа мерка нема да помине, но Заев и СДСМ може скапо да ја платат, порача тој.