Во разговор за Дојче Веле екс гувернерот на Народната Банка Петар Гошев објавува што и се случува на Макеоднија.
,,Македонија во последните 32 години нема ни годишни, ни среднорочни, ни долгорочни планови за ниту една важна област. Одвреме-навреме, под притисок на странците ќе се произведеше по некој материјал – „хартија што трпи сé” со злоупотреба на зборот „стратегија“, но тоа главно имаше и има важност до завршувањето на прес-конференција на која се обзнанува важноста на „хартијата“ и направената „фотка“’ за овековечување на ликот на случајните функционери. Македонија, односно гарнитурите што се менуваат на власт во трите изминати децении, не се бавеа со „дисциплината“ управување со макроекономските ризици, како и со прашањето на одделните секторски структурни дефицити во стопанството, освен кога за време на кратките посети на експерти од меѓународни институции станувало збор за тоа. Но тоа завршувало само како запознавање со важноста на таа тематика, и запомнато до моментот на траење на средбата со наведените”, оценува Гошев кој смета дека македонската власт во континуитет не гради институции туку ги разградува.
,,Нашиот систем во суштина е „систем свој човек“. Го немаш ли, тешко ти се пишува. Деградираните институции – лишени од знаење и одговорност, како и планетарната корупција која се претвори во „најпрестижна дејност“, се главната причина за претворањето на Македонија во една голема надземна септичка јама. Со вадење пиштоли на маса, со разни видови закани за одмазда, се изнудуваат најблагоугодни привилегии – чиниш ја живееме добата на најбруталната и најпримитивната првобитна акумулација од историјата на човештвото. Нашиот Левијатан е сосема издишан. Веќе не се знае што е фукција на највисоката држава, што на локалната власт, што е јавен домен, што приватен. Судовите сé помалку се место на раздавање на правото и правдата. Се претворија во кванташки пазар, каде сѐ зависи од случај до случај, од понудената откупнина за злоделото, каде со пари и позиција може да се добие сé, освен да се стигне до правдата. Монополот на примена на сила сѐ повеќе се истргнува од рацете на државата, се пренесува или узурпира од разни поединци и групи од другата страна на законот.
Во Македонија нема партиски плурализам. Има конкуренција на олигархии. Постоењето на конкурентски партии подразбира постоење на различни политички програми. На олигархиите не им се својствени политичките програми. Нив ги интересира само присвојувањето на националното богатство и јавните пари, ги интересира спиралата пари-моќ-пари и јавното добро час поскоро да стане приватно”, вели Гошев.
Целиот разговор на овој ЛИНК






