Горивата поевтинија, но не и такси превозот

Намалувањето на цените на горивата не беа доволен поттик за намалување на цените на такси компаниите, кои по драстичното поскапување на бензините, побараа и добија нов ценовник. До нашата редакција пристигнаа голем број поплаки од граѓани кои велат дека за иста релација последниве месеци плаќаат цени кои се речиси двојно повисоки од претходните, и дека особено им пречи фактот што цените на бензините не се како некогашните, туку дека веќе се намалени, поради што, како што велат, „нема логика и понатаму да возат по повисоки цени“.



– Живеам во населбата Козле, и повремено до работа патувам со такси. На релацијата од Козле до Универзална сала се возам долги години наназад, не секој ден, но сепак е релација по која почесто се возам. Забележав дека ги зголемија цените кога вредностите на горивата беа екстремно високи, и тоа беше во ред, немам поплаки со толку високи цени на горива. Но, овој период веќе има големо намалување на цените на горивата, а цените на такси превозот остануваат високи. За споредба, пред поскапувањето плаќав 80-90 денари за превозот, овој период плаќам околу 150 денари. Ова е речиси двојно повисока цена, а сега веќе бензините не се двојно повисоки – вели четириест годишната Зорица Атанасовска од скопско Козле.

Таа не е единствената која вели дека цените на такси превозот се превисоки и дека очекувале со намалувањето на цените на горивата да има намалување и на превозот.

– На релација Капиштец во близина на Беверли Хилс до Кисела Вода кај салата Расадник се возам најмалку еднаш неделно. За овој потег порано таксистите ми наплатуваа од 120 до 130 денари, но сега веќе за истата релација плаќам речиси 200 денари, од 180-190, па и двеста денари зависно од метежот во сообраќајот. Јасно ми е дека во такси ќе се вози кој сака, и ако сака, но како што сметав дека се во право кога бараа поскапување поради цените на горивата, така сметам дека денеска тие веќе имаат простор да ги намалат цените на услугата. Дополнително што најголем дел од таксистите возат на плин, на уште поевтино гориво од бензините и дизелот, и тие не треба да бидат профитери и да ја користат ситуацијата кога се поскапува, па и тие да мора да возат по повисоки цени – вели скопјанката Вероника Тренчевска.

Од такси компаниите за Фактор посочуваат оти по нов ценовник се вози веќе неколку месеци и истакнуваат дека одлуката за раст на цените била донесена откако таксистите со месеци работеле нерентабилно поради енормниот раст на цените на горивата.

– Нема нова цена, во смисла нови ценовници од неодамна, туку имаме нов ценовник веќе неколку месеци. Тоа се нови цени за сите такси компании, и беше донесен на барање на таксистите поради енормниот раст на цените на горивата по неколкумесечно нерентабилно работење на таксистите. По барањето на таксистите, град Скопје го одобри новиот ценовник, по кој денес возат таксистите. Можеби граѓаните ги збунуваат цените поради големиот број диви превозници, кои се вклучуваат во превозот со стари табли, и кои нудат услуги и по пониски цени, но тие не плаќаат даноци и затоа возат со пониски цени. Но, тоа е нелојална конкуренција која само го нарушува пазарот. Оние кои возат согласно законот, пријавени, со лиценца, имаат високи давачки, дополнително трошоци за возилото, не е само горивото во прашање. Потребни се контроли кои ќе овозможат еднаквост меѓу таксистите, да нема диви превозници, сите да имаат исти давачки – велат од една такси компанија.

Со последните одлуки на Регулаторната комисија за енергетика цените на горивата беа благо намалени, па по последната корекција цени изнесуваат 82 денари за литар Еуросупер БС 95, додека за два денари е поскап Еуросупер БС-98. Корисниците на дизел треба да одвојат 76 денари за литар.

За потсетување, цените на горивата минатата година достигнуваа и над 100 денари за литар. Така на пример со одлука на РКЕ од 17 јуни 2022 година, Еуросупер БС-95 чинел 111,5 денари за литар. Еуросупер БС-98 чинел 113,5 денари за литар. Дизелот пак се продавал по цена од 109,5 денари за литар.