Кандидатката за претседатател на државата, Гордана Силјановска Давкова, денеска го оствари своето право на глас во општина Центар.
По гласањето во ОУ, „Коле Неделковски“ Силјановска рече дека на овие избори треба да го докажеме европскиот реформски капацитет изразувајќи надеж дека ќе се стави крај на транзицискиот период и ќе се почне со демократска транзиција.
„Ова се посебни избори, не затоа што јас сум кандидатка и не затоа што за првпат жена има шанса да биде претседател на Македонија, туку заради условот. Ние треба да го докажеме европскиот реформски, демократски капацитет со фер и демократски избори. Тоа не е многу вообичаено во дваесет и првиот век, но се надевам дека ќе излеземе конечно од транзицискиот лавиринт и дека ќе влеземе во демократската транзиција. Кампањата се обидов да ја обојам женски, со знаење, со посветеност, со аргументи. Да докажам дека ние жените имаме посебни квалитети и посебен начин на менаџирање на проблемите. Мислам дека беше успешна кампањата. Очекувам да влезам во вториот круг, доколку се случи да не влезам ќе гласам за господинот Река заради стручноста, компетентноста и граѓанската ориентација, порача таа.




