Поранершниот почесен конзул на Република Македонија во Хрватска, кој неодамна поднесе оставка незадоволен од третманот на Конзулатот во Риека, најави дека ќе побара македонско државјанство.
„Објавувам дека како поранешен почесен конзул со десетгодишен мандат на функцијата и како македонист кој се занимава со промовирање на македонската култура, литература и јазици веќе 40 години во Република Хрватска и светот, за некој ден ќе доставам барање до македонската амбасада во Загреб за државјанство на Република Македонија.
Како прво, ова е моја ‘стара’ желба, но сега сакам да ја ажурирам, со надеж дека ќе добијам државјанство за да можам да гласам на следните избори во Македонија.
Мојот глас можеби нема да е пресуден, но ќе ме израдува да учествувам со мојот глас во креирање на современа, модерна, слободна, изворна Македонија! – најавува Калоѓера.





