Големите партии бегаат од една изборна единица

Ниту на големите партии од власта, ниту на големите партии од опозицијата им одговара да се воведе една изборна единица на територија на целата држава и шансите да се случи такво нешто во брзо време се скоро никакви – пишува Плусинфо.



Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо откако Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците вчера во прва фаза го поддржа предлогот на помалите партии за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била една изборна единица.

Според нашите соговорници, иако големите партии декларативно прифаќаат една изборна единица, сепак, тие се подготвени да направат сѐ што е потребно само за да не се реализира тоа сценарио. Како што објаснуваат аналитичарите, со воведувањето една изборна единица, големите партии би загубиле еден до двајца пратеника, додека, пак, помалите партии би се офајдиле со еден, двајца, па и тројца пратеници.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека шансите за воведување една изборна единица се помалку од никакви.

Големите партии со сигурност ќе загубат еден до двајца пратеници, но помалите партии како Левица, на пример, со сигурност ќе добијат двајца до тројца пратеници. Тоа значи дека Собранието ќе биде шаренолико, а владата ќе биде уште понестабилна.

– Апсолутно не верувам дека ќе направат една изборна единица, затоа што оваа работа се актуелизира во моменти кога е разнишано парламентарното мнозинство. Ниту на власта, ниту на опозицијата им одговара да има една изборна единица затоа што, ако ги погледнеме резултатите од последните избори, разочарувањето на граѓаните од едните и од другите е огромно. Во таа насока, со воведување една изборна единица, помалите политички партии најмногу би добиле, а тоа значи дека би имале многу нестабилна влада, односно влада во која ќе бидат вклучени многу партии. Кога имате влада со многу партии, тоа значи дека секој може да прави сѐ што ќе посака и може постојано да ве уценува. Затоа, моето мислење е дека нема да има една изборна единица, оти големите партии сѐ уште не се подготвени да се откажат од колачот – објаснува Пекевски.

Целиот текст на следниот линк:

https://plusinfo.mk/mizhi-asan-da-ti-smenam-model-golemite-partii-begaat-od-edna-izborna-edinica-kako-avol-od-krst/