„Братот Борисов, како што го нарече Заев бугарскиот премиер, има навистина бескрајно широко, пријателско срце, кое испумпува љубов и добрина, милост и човечност кон Македонците.
Борисов секако би замолчел, затоа што и никогаш не излегол да се извини, кога некој од неговите политичари, историчари и големи аналитичари би го поправил- брате Борисов, велиш Македонци? Оние што не постојат? Оние што гробовите им се празни? Оние што јазиците им ги сечевме, за да не кажат на кој јазик зборуваат? Оние, на кои денес истото им следува?
При секој студен поглед, при секој понижувачки збор, при секој висок тон, заканување, омалуважување, понижување и грубост, лаги и манипулации од страна на бугарските политичари, Борисов останува голем брат, поголем од овие нашите- родени, дома, чија крв испумпува заеднички таги и радости, омраза и љубов.
Ех, брат. Како што може само брат, никој не може- да ви го попречи патот, да ви го ископа, да ви го сотре секое камче, да ви ги ситни ковчињата со зборови, ах, зборови, што се зборовите без уште поголеми дела, од кои ќе ве запусти, ќе ве дотолчи братот роден, со кој крвта ве спојува и дели…“





