Бугарскиот историчар Димитар Атанасов во интервју за телевизијата „Евроњуз Бугарија“ излезе со целосно спротивен став од тој на државниот врв во Софија во однос на тамошната „вечна тема“ Македонија.



„Има одреден напредок и таму, но дали само на PCM има потреба од промена на учебниците по историја? Нашите вообичаени тврдења ги земаме здраво за готово токму поради тоа што сме родени и воспитани со нив и тие се дел од еден информационен фонд во чие создавање на ниту еден начин не сме учествувале. Меѓутоа, ако погледнеме подлабоко, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија подлежи на ненаучни стандарди. Тој е поврзан со една пропаганда од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која Македонија треба да се подели меѓу одредени балкански земји, меѓу кои Бугарија се смета за главна“, рече Атанасов во студиото „Добро утро Европа“.

„Како прво, треба да се стремиме не да гледаме дали РСМ исполнува некакви барања, туку дали бугарската политичка и академска елита ѝ помага на бугарската држава да застане на многу поадекватна позиција од гледна точка на современата наука, зборувајќи за историјата. Да не се лажеме, ние немаме средства да влијаеме на тоа што се случува во Скопје, но во Софија – и тоа како“, додаде тој.

Според него, Бугарите во Македонија немаат потреба од впишување во Уставот, туку од тоа да бидат еднакви пред законот.

„Според Уставот на Република Северна Македонија, етничкото присуство автоматски се претвора во политичко претставување и носи политички права. Тоа значи дека, доколку се регистрираат тие неколку илјади луѓе, според последниот попис, кои се изјаснуваат како Бугари, автоматски ќе добијат политичко претставување, што води до институционална власт. Од оваа институционална власт имаат корист неколку десетици Бугари кои се длабоко поврзани со партиски штаб во Бугарија на улица ‘Пиротска’ бр.5“, објасни Атанасов, мислејќи на ВМРО-БНД, чиј копретседател е европратеникот Ангел Џамбаски, кој вчера го предводеше партискиот протест против отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.