Извонредната форма на македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски за малку не му донесе триумф на Абердин против фаворитот Глазгов ренџерс, но и освоениот бод против второпласираниот во шкотската Премиер лига е голем како куќа за деветтиот на табелата.
Миовски во 11. минута предизвика ерупција од радост на исполнетиот стадион „Питодри“, со капацитет од 20.866 гледачи, а рекордерот со 55 шампионски титули во Шкотска се спаси од пораз во четвртата минута од судиското надополнување, и тоа од пенал доделен по консултација со ВАР!
За 24-годишниот македонски напаѓач ова е петти првенствен гол сезонава, со кој го дели шестото место на листата на стрелците, а во сите клупски натпреварувања досега има 11 погодоци, од кои по два во Лига Европа, во Лигата на конференциите и во шкотскиот Лига куп.
Токму во Лига купот Абердин повторно ќе им излезе на мегдан на „ренџерите“, и тоа во финалето на 17 декември на неговиот „Хемпден Парк“, благодарејќи токму на Миовски како единствен стрелец против Хибернијан во полуфиналето по спектакуларниот контранапад во кој истрча 80 метри.






