На 21 август 2001 година во 3:40 часот, една недела по потпишувањето на Охридскиот договор, „борците за човекови права“ од терористичката Ослободителна национална армија (ОНА) ја кренаа во воздух црквата „Свети Атанасиј“ во тетовското село Лешок.
Црквата беше разурната до темел со минирање. Остана само нартексот од западниот дел и речиси целиот западен ѕид од наосот. „Преживеаја“ двете куполи на нартексот, при што на јужната купола беа видливи конструктивни пукнатини. Од експлозијата беше уништено сè, освен неколку фрески на светители коишто останаа на неурнатите ѕидови.
Но, црквата „Св. Атанасиј“ беше реконструирана со истиот камен што бил користен во нејзината првична изградба. Камењата беа сочувани и нумерирани со помош на националниот Институт за заштита на културното наследство, кој направи детална студија за проектот. Европската унија обезбеди околу 410.000 евра за обнова на ѕидот и на фасадата преку Европската агенција за реконструкција во Македонија.
Преосветувањето се случи во 2007 година, кога Македонската православна црква прослави 40 години од прогласувањето автокефалност.






