Годишнина од убиството на Гешовски, кога почна војната во Хрватска

На денешен ден пред 27 години беше убиен Македонецот Сашко Гешовски, првата жртва на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) во војните во некогашна СФР Југославија и ден што се смета за почеток на војната во Хрватска.



Гешовски, кој тогаш имаше 19 години, убиен е на Ѓурѓовден 1991 година додека стражареше пред Командата на Военопоморската област во Сплит.

Ни денес не е откриен идентитетот на убиецот на момчето од Кавадарци во протестот на 30.000 демонстранти, од каде што почна да се пука на војниците, а еден куршум истрелан од толпата смртно го погоди Гешовски.

Во текот на нападот на објектот на ЈНА е ранет уште еден Македонец, Тончи Стојчев од Македонска Каменица, кој се обиде да му помогне на Гешовски.

Разулавената толпа тогаш за малку не линчуваше уште еден Македонец, војникот Светланчо Наков од селото Лаки кај Виница. Снимката од давењето ја обиколи тогашната држава и предизвика шок во јавноста, а тој го преживеа нападот и подоцна објасни дека го спасил возачот на транспортерот Славе Јованов, кој му го откопчал ременот на шлемот и го вовлекол во возилото. Според неговите зборови, многу демонстранти тогаш биле вооружени.