На денешен ден пред 69 години на злогласниот Голи Оток престана да чука срцето на Панко Брашнаров, чиј говор на Првото заседание на АСНОМ и денес одекнува наспроти најновите напади врз македонскиот национален идентитет.
„На 13 јули 1951 во злогласниот логор Голи Оток згасна животот на Панко Брашнаров, македонски национален деец и народен трибун. На стари години заминува во партизани и учествува во формирањето на современата македонска држава. Беше уапсен за време на судирот на КПЈ со Информбирото. Неговата смрт настапи по долго и безмилосно изживување и физичка репресија врз него од страна на ‘чуварите на поредокот’. Голоточката голгота ја поминаа и повеќе други асномски дејци. Брашнаров се води во полициските досијеа како најстариот затвореник починат на Голи оток. Не оформи семејство. Неговиот живот беше постојан прогон, затвори и борба за слобода и достоинство на својот народ. Вечна слава“, вели историчарката Виолета Ачкоска во пригодниот статус на Фејсбук.
Како најстар пратеник на Заседанието одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчињски, илинденецот и партизан, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ, ја отворил седницата со зборовите:
„Другарки и другари народни претставители,
Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.
Во овој момент земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаја коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија.
Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!
Другари народни претставници, жив сведок сум на два Илиндена 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја, за Крушевската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта за слобода, борбата го дарува со слободна Крушевска република. Но, разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и ја затрупаа оазата на слободна Македонија – Крушевската република, го задушија востанието и го стегнаа искрвавениот народ во ново ропство.
Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба. Тој во неа виде можност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и на целото слободољубиво човештво и да го оствари својот вековен национален идеал.
И ете, како резултат на тригодишните крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна, со крв и со борба, да дојде до нова братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби“.





