На денешен ден во 2001 година македонската полиција, во содејство со Армијата на Република Македонија (АРМ), во прв ред Единицата за специјална намена „Волци“, го ослободија тетовското Кале од терористите на т.н. Ослободителна национална армија (ОНА).



„Пред паѓањето на ноќта Калето беше целосно опкружено, а терористите се држеа само на врвот од Калето. Во 20 часот дел од „Волците“ беа уфрлени, со бомби да го освојат врвот и објектите на самото Кале.

Со освојувањето на Калето, диверзантско-терористичките групи беа целосно разбиени во зоната на борбената операција, како што беше планирано за тој ден.

Успехот на оваа операција, постигнат уште првиот ден, се темели, пред сè, на тоа што е постигнато целосно изненадување во времето на изведувањето на операцијата, а секако и на големата храброст и стручност на сите учесници во операцијата“, вели генерал Панде Петровски, за време на акцијата заменик-началник на Генералштабот на АРМ, во својата книга „Сведоштва 2001“.

Тетовското Кале беше ослободено без ниту една жртва од македонските полиција и армија, а само неколкумина беа повредени.