„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“, гласи една од пораките на апостолот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев кој го рабирал светот како културен натпревар меѓу народите.
Роден бил на денешен ден во 1872 година во Кукуш.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
По повод 148-годишнината, повеќе делегации ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.





