Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и професорката Гордана Силјановска денеска се гости на прославата на Илинден во селото Ташмаруниште.
“Илинден не е почеток туку финишот на една епопеја во која загубивме огромен број луѓе кои паднале за Македонија. И Ташмаруништа, и битолските села, и многу други места каде што се одвивале борби за слободна Македонија се дел од таа борба”, рече Мицкоски на народната прослава во Ташмаруништа.

“Знам дека Заев од Мечкин Камен ќе говори за блескањето затоа што не знае каква е реалноста во која живееме. Сите македонски неуспеси во историјата се собрани во името на Зоран Заев кој ја менува историјата, си поигрува со идентитетот. Тоа не може да помине ни кај мене ниту кај вас.
Гоце Делчев е македонска светост за кој ќе се бориме секогаш а ние сме Македонци од Македонија”, порача Мицкоски од Ташмаруниште.
Во својот говор лидерот на опозицијата ги спомена Јане Ченто и сите други затворени за 27 јули.

Мицкоски во својот говор вети правда, чест и битка до последен здив за Македонија. Вети дека нема намера да прави компромиси без разлика дали се работи за СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ ако се работи за прекршување на законите.
Тој во говорот повика поддршка за победата на следните предвремени избори за да не му се даде шанса на Заев да продолжи со уништувањето на Македонија.
Прославата во Ташмаруништа се одржа пред споменикот на двата Илиндена и во црквата „Свети Архангел Михаил“, каде се наоѓа заедничка гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа, утре ќе биде одбележан 2 Август – Денот на Илинденското востание.
Прославата започна со звукот на црковната камбана и полагање цвеќе пред споменикот, на заедничката гробница и гробовите на Илинденците, а продолжи во црковниот двор со веселба.
Веќе 70 години се одржува илинденска прослава во ова струшко село каде за време на Илинденското востание 1903 година се одиграла најжестоката борба меѓу востаниците и регуларната турска војска во овој регион.
Како што раскажуваат организаторите на културната манифестација „Илинден“ од Ташмаруништа, борбата почнала на 5 август 1903, меѓу четирите востанички чети (по една од соседните села Ложани и Драслајца, и двете Ташмарунишки) со 140 востаници и десетпати побројниот турски аскер.
И покрај бројната и оружена надмоќ на Турците, востаниците десет часа ги одржале позициите. Но кога од грб биле нападнати од други турски формации, востаниците, заштитувајќи го организираниот бег на населението, се повлекле кон Малесија и Дебрца каде ги продолжиле борбите. При влегувањето на аскерот во селото бил убиен заповедникот – милазимот од страна на тешко ранетите борци, кои не можеле де се повлечат.
Селото било целосно ограбено и запалено. На боиштето останале 27 жртви на востаници и жители, кои по враќањето на селаните од збегот биле погребани. Деветнаесет востаници од соседните села биле закопани во заедничка гробница, а останатите во семејните гробови од селото.





