Незадоволни поради проблемите со функционирањето на хируршките сали, хирурзите во болницата ГОБ „8 Септември“ во понеделник ќе ги откажат сите закажани операции на пациенти.



Тие преку писмо до медиумите соопштуваат дека операции ќе бидат извршени само врз пациентите во животозагрозувачка состојба, а причина за револтот е тоа што како колектив не добиваат прием кај директорот на болницата Христијан Костов за да поразговараат за проблемите со хируршките сали.

„Во болницата секојдневно функционираат само две хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил шест сали во текот на денот. Јасно е дека со настанатата ситуација со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција.

Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или директорот не ги спроведува ниту предложува други решенија.

ГОБ ’8 Септември‘ е столб на здравството во државата. Во изминативе две години ние сме главен ковид-центар во државата каде што се згрижуваат најтешките пациенти од пандемијата, прифатен центар за сите хируршки пациенти од сите болници надвор од Скопје од кои голем број се на терциерно ниво, а за жал по некоја необјаснета логика ГОБ ’8 Септември‘ е сè уште на секундарно ниво“, се вели во писмото.

Нашите барања, се наведува во соопштението, се да се овозможат услови во болницата за да може да им пружи хируршка здравствена заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата.