Градската општа болница (ГОБ)„8 Септември“ во Скопје, преку Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор, во соработка со Италијанската амбасада, доби две томографски магнетни резонанци и ултразвучен апарат.
Новиот дијагностички центар во Болницата, денеска го промовираа директорот на Болницата, д-р Христијан Костов, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Директорот Костов кажа дека веќе имаат еден апарат за магнетна резонанца, на кој дневно се снимаат по 20 пациенти, а годишно околу 7.000 пациенти, а тоа, како што рече, е голема бројка за една установа.
Министерот за здравство Беким Сали кажа дека апаратите се набавени во рамки на поголема набавка на повеќе апарати во вкупна вредност од 1.1 милион евра, додека за двете магнетни резонанци сумата изнесува 754.168 евра и спроведена е во рамки на Програмата.
„Веќе во тек е обука на кадарот од обучувачи од Италија и за почеток се очекува дека фреквенцијата ќе биде по 15 пациенти дневно“, кажа министерот Сали.






