Министерството за надворешни работи соопшти дека согласно своите надлежности се обидува да ги потврди информациите дека поранешниот премиер Никола Груевски, се наоѓа во Будимпешта и дека таму ќе бара политички азил.
“Во врска со наводната информација објавена на Фејсбук профилот на г-динот Никола Груевски дека тој е во Будимпешта и дека побарал азил во Унгарија, Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции во Република Македонија, постапува согласно своите законски надлежности во насока на верификација на информацијата” се вели во соопштението на МНР.
Според информациите на expres.mk од доброупатени дипломати денеска во 15 часот во МНР бил повикан амбасадорот на Унгарија во Скопје.
Затоа што тој не бил во Скопје во МНР на средба со министерот Димитров дошол заменикот амбасадор.
Неофицијално се дознава дека Димитров не добил негативен одговор на прашањето дали Груевски е навистина во Унгарија но биле одбиени сите барања за информации во врска со случајот.
На средбата биле присутни и други високи претставници на МНР кои пред заменикот амбасадор навестиле дека Македонија може да преземе соодветни мерки доколку официјална Будимпешта го одобри барањето за политички азил.
На средбата министерот Димитров добил прашање дали МНР е сигурно дека други институции од Македонија немале информации за движењето на бараното лице.
Министерот Димитров немал коментар на прашањето на заменикот амбасадор на Унгарија во земјава.
Министерството нагласува дека веднаш по добивањето на релевантни информации во врска со наведеното, јавноста ќе биде соодветно и навремено информирана.
Досега МНР не објави детали за средбата со претставници на унгарската амбасада.





