Владата извести дека денеска, 23.10.2021 година (сабота) од 10:00 часот по повод одбележувањето на „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, ќе организира положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје.
На настанот ќе биде присутна владина делегација составена од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно македонската револуционерна организација (ВМРО) или Внатрешно македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Со тоа почна организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903, Крушевската Република и преку НОВ, резултира со создавање самостојна македонска држава.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во лично и во име на партијата на граѓаните им го честит 23 ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.
-ВМРО ги опфатило сите напредни и прогресивни елементи во македонското општество, целата Македонска интелигенција, стопанствениците и работливите Македонски селани. Сите тие заедно ја почнаа борбата која резултираше со Илинден 1903, а кулминираше со Илинден 1944. ВМРО е симболот на Македонското единство. Под знамето за слобода се обединети сите и Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, сите кои сакале слободна Македонија, да бидат свои на своето. Таа нивна мисла била многу напред во тоа време бидејќи се темелела на принципите на солидарност, еднаквост, правда, правичност, се вели во честитката на Мицкоски.







