Глувците од македонскиот „Титаник“ – Пишува Роберт Димитриевски

Непишано правило во водениот сообраќај е дека бродот што тоне прв го напуштаат глувците, а последен капетанот. Во случајот со СДСМ и неговата влада е малку поинаку – прв на чамецот за спасување се качи капетанот Зоран Заев, а по него се евакуираа(т) министерот за здравство Венко Филипче и министерките за одбрана Радмила Шекеринска и за образование и наука Мила Царовска.



Првиот, за кој се измислија и стикери како да е Супермен, а земјава е во самиот светски врв по смртни случаи од коронавирус, отиде курбан за на палубата да се качи Алтернатива. Втората си заминува оти не се согласувала со дел од политиките на партијата поради која во животот нема кренато потешко од пенкало додека менуваше партиски и државни функции. Третата, пак, откако го „оправи“ образованието, решила да не биде дел од новата влада, но ќе продолжела да се бори и да се застапува за истите вредности и политики?!

Како тргнало со отказиве, додека членовите и симпатизерите на „државотворната“ партија изгуглаат за да дознаат нешто за новиот им лидер и иден премиер, Ковачевски ќе нема со кој да го формира новиот владин кабинет. Освен, „фалeминдерит шум“ за прашањето, незаменливите интегративци на „зоти“ Аљи и новопечените евроинтегративци на Африм.

А сигурно може да смета и на оној што преку ноќ се пишмани од уривање на Владата и стана ултрафан на ЕУ откако жена му чула на телевизија дека Макрон рекол оти Македонија на 14 декември ќе добие датум за старт на преговори. И тој, со цел памет, нејзе ѝ поверува, а не на Зоќе, Николче, Бујарче и Кочо, кои уште во јуни 2018 година се пофалија дека во авион тукушто ја примиле радосната вест.

Нејсе. Не мора да се биде нешто посебно опитен и упатен во македонската политика за да се „сконта“ дека напуштањето на заринканиот брод од споменатите глувци, топтан со капетанот што првата љубов ја сретнал во Горњи Милановац (и во Дојран – отпосле му текна) немајќи трпение да ја дочека својата Кејти (Винслет, да нема забуна) на „Титаник“, е сигурен знак. Фикс за неминовната преселба на дното на пловниот објект со ознаката „СДСМ“ што доживеа бродолом на локалните избори.

За жал на Кастриот и нему сличните, не помага ниту позитивно поместување на патот кон Брисел, што очајно го посакуваат бродоломциве што се надеваат на спас во последен час. Нека го прашаат Бучковски како си помина на изборите во 2006 година, на кои излезе со добиениот кандидатски статус во Унијата во декември претходната година.

Граѓаните се уморни од лагите со датумот и воопшто од темата ЕУ по сите (не)можни блокади во овие три децении. Место флоскулите и празните фрази завиткани во еврообланда, зад кои бескрупулозно се раскрчмува сè што генерации Македонци со крв и пот создавале, избирачите сакаат да видат конкретни резултати што ќе им го подобрат животот. А такви, и при најголем напор, кај некадарнициве од планетарни размери нема и нема ни да има, бидејќи од погрешни луѓе на вистински места илузија е да се очекува нешто, а камоли добро. Уште помалку во ситуација кога „глувците“ се евакуираат, а некој нов оркестар со полуанонимен диригент ќе се труди да ги замајува патниците додека бродот незадржливо тоне ли тоне.