САД им помогнаа на повеќе од 400 американски граѓани, постојани жители и други лица кои ги исполнуваат условите да го напуштат појасот Газа, соопшти денеска Стејт департментот.
„Продолжуваме да работиме во партнерство со … Египет и Израел кон безбеден премин за повеќе американски граѓани, членови на нивните потесни семејства и законски постојани жители на САД“, рече заменик-портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател, пренесува Гласот на Америка.
Се очекува да се зголеми бројот на американски државјани кои ќе можат да заминат, рече тој.
Најмалку 320 странски државјани и зависни лица поминаа денес преку преминот Рафах, единствениот граничен премин кој не е контролиран од Израел, заедно со 100 Египќани, изјави египетски безбедносен извор.
Преминот беше затворен во саботата и неделата по израелски напад врз амбулантно возило кое се движело кон Рафах.






