Манастирот Свети Ѓорѓија во дебарското село Рајчица денеска е претесен да ги прими сите верници, кои од сите градови на Македонија дојдоа да запалат свеќа за здравје.

Во верскиот храм во кој се чуваат мошти на Свети Ѓорѓија денеска на Ѓурѓовден дојдоа жители на дебарско, скопјани, прилепчани, битолчани, но и туристи од западна Европа.

Дел од нив ноќеска и утринава можеа да присуствуваат на замонашување на калуѓерка од прилепско и на молитвата со црковно пеење на монасите од братството од манастирот Свети Јован Бигорски и калуѓерките од Свети Ѓорѓија предводени од игуменот Партениј и старешината Доситеј.

Сместен над Дебарското езеро манастирот во Рајчица е еден од највпечатливите верски храмови во регионот.
Според преданијата името на селото Рајчица доаѓа според неговата местоположба односно како локација “блиска до рајот”.
Некогаш речиси запустен манастирот возобновен на почетокот на 21 век сега е место кое редовно е дестинација на православни верници но и на патници намерници и туристи од цел свет.





