Територијалните реформи, асимилацијата, образованието, учеството и реакциите во врска со резултатите од соодветните пописи, финансирањето на активностите на малцинствата биле тема на онлајн состанокот на претставници на повеќе национални малцинства од Западен Балкан, објави претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.
„Илинден“ – Тирана, „како член на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) од 2015 година истовремено е дел на работната група на словенските малцинства. Во тоа својство учествував на состанокот одржан во функција на подготовките и одржувањето на голема конференција за малцинствата во 2023 година“, изјави Ѓурѓај.
Според него, како во секоја пригода, така и на овој состанок, ги презентирал проблемите со кои се соочува македонско национално малциство во Република Албанија, на полето на образованието, состојбата на македонското население после изгласувањето на несоодветната територијална поделба и други проблеми.
„На состанокот, преку интернет врска, беа поврзани учесници од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Разменивме идеи околу можните теми за планираната конференција, која начелно е закажана за април 2023 год. Се сондираше мислење за тоа со какви предизвици и проблеми се соочуваат националните малцинства во нивните земјите. Какви достигнувања и развој има постигнато секое малцинство, а се разговараше и за тоа позитивните искуства да се споделат со другите малцинства“, истакна Ѓурѓај.
Меѓу темите како најзастапени биле: Територијалните реформи, асимилацијата, образованието, учеството и реакциите во врска со резултатите од соодветните пописи, финансирањето на активностите на малцинствата итн.
„Тоа се теми, кои треба да бидат застапени на идната конференција, бидејќи ги засегаат сите малцинства од Западен Балкан, а од која треба да се очекуваат сериозни заклучоци и препораки за земјите од Западен Балкан“, посочува Ѓурѓај.







