Ѓурѓај и МД „Илинден“ со критики до Македонскиот семинар: Новата лекторка во Македонскиот лекторат во Тирана Славица Свидерска не е македонист!

„Не знаеме дали некој, што не е македонист и кој нема искуство со настава по македонски јазик, воопшто ќе може да ја работи работата, од која зависи функционирањето на Лекторатот по македонски јазик во Тирана. Ако нема активности, Лекторатот може повторно да биде затворен!“ – изреагираа уште пред неколку дена Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Албанија и неговиот претседател Никола Ѓурѓај, откако беше објавена информацијата дека д-р Славица Свидерска ќе биде новата лекторка во повторно отворениот Лекторат за македонски јазик во Факултетот за странски јазици во Тирана. Оваа реакција беше објавена во статијата под наслов „УКИМ да не ги премолчува фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана“ во весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“.



Покрај другото, во таа статија беше напишано: „Од 15 септември 2023 година немаме комуникација со ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. На нашето барање за состанок ректорката Ангелова не нè удостои со одговор. Забележавме дека Семинарот веќе нема активности и оти не се прави ништо конкретно за македонистиката во светот, туку само се објавуваат фотографии од новата директорка на страницата на фејсбук.“

„И денес се прашуваме што воопшто ќе се сработи од многуте планови и цели, кои требаше да се реализираат, иако претходно, во одговорот на нашето писмо, ректорката ни кажа дека УКИМ максимално ќе ја продолжи заложбата за успешна реализација на сите зацртани планови. Тие планови ние, Македонците во Албанија, веќе не ги гледаме, откако новата директорка на Семинарот ја прекина соработката со нас. Бевме подготвени колку можеме финансиски да придонесеме да се популаризира Македонскиот лекторат во Тирана, да има колку може повеќе студенти, затоа што има интерес. Но, тоа не можеме да го направиме откако УКИМ и Семинарот немаат соработка со нас и нè екскомуницираат.“

Посебно страшно е што се премолчува фактот дека за лектор е избрана личност, што нема студирано македонски јазик и литература и не е македонист. Од интернет дознаваме дека новата лекторка д-р Славица Свидерска има дипломирано, магистрирано и докторирано Општа и компаративна книжевност, а не македонистика. Во ниту една нејзина биографија нема дека држела настава по македонски јазик.“

„Сега нашите надежи се помали и затоа што не знаеме дали некој, што не е македонист и кој нема искуство со настава по македонски јазик, воопшто ќе може да ја работи работата, од која зависи функционирањето на Лекторатот. Знаеме колку е строг Факултетот во Тирана и ако наставата не биде успешна и ако не се развива интересот, Лекторатот пак би можел да биде затворен и сите заложби и нашата иницијатива да бидат залудни, а тоа не смее да се дозволи и не е во корист и на нашата матична македонска држава. Универзитетот ‘Кирил и Методиј’ од Скопје не смее да ги премолчува фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана и за улогата, што ја одигра Македонското друштво „Илинден“ од Тирана со својата иницијатива и со своите активности.“

Инаку, во меѓувреме Македонското друштво „Илинден“ сепак веќе објави повик до заинтересираните студенти на Факултетот за странски јазици во Тирана дека наскоро ќе започне да функционира курс по македонски јазик при овој факултет како наставен предмет надвор од наставните курикулуми-програми.