Македонското друштво „Илинден“ – Тирана остро реагира за плакатот на Централната изборна комисија за локалните избори во мај, во кој Македонците во Албанија се претставени како „национално малцинство на Северна Македонија“.
„Најостро реагираме зашто она што го пишува Централната изборна комисија е навреда на достоинството и националниот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија. Како може на плакатот во рамките на програмата за изборната едукација на припадниците на националните малцинства на јазикот на нивната заедница да стои ваква катастрофална грешка? Ние сме македонско малцинство или Македонци во Република Албанија, како што сме признати во Законот за заштита на малцинствата“, изјави претседателот на МД „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај.
Тој најави реакција „уште утре“ до претседателот на ЦИК, Илиријан Целибаши, и до комесарот за дискриминација Роберт Гајда.






