Двете компании кои беа избрани на јавниот тендер кој го распиша општина Струга, имаат рок од 40 дена, едната да изгради претоварна станица каде што ќе се селектира отпадот, а другата да започне со транспорт на смет до депонијата Дрисла во Скопје.



Активностите на дивата депонијата во Струга ќе започнат за некој ден, а целата постапка за транспорт на ќубрето ќе чини околу 400 илјади евра, пренесува 24 вести.

Локалните власти во Струга очекуваат дека ова лето нема да повтори ланската слика, кога депонијата беше палена и кога поради густиот чад и миризба, туристите ја напуштаа Струга среде туристичка сезона, пишува Алсат.

Минатата недела граѓани од Дебарца протестираа против изградба на Регионална депонија во селото Годивје, каде би било складирано ѓубре од стотина диви депонии од западна Македонија, вклучително и она од Струга.

Нивното објаснување е дека Дебарца моментно е еколошки најчистиот дел од Македонија.