Копретседателот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев е оптимист дека побрзо ќе се постигне согласност меѓу бугарските и македонските историчари за периодот на Втората светска војна.
„Периодот на Втората светска војна е многу јасен, нема за што да дебатираме. Постојат документи од бугарските архиви, од бугарската Влада дека се подготвуваат да извршат окупација на Македонија. Искрено тука не очекувам поголема дебата и одолговлекување, бидејќи ние тука сме на многу посигурен терен, постојат еден куп документи за нашата борба во Втората светска војна, за идеите за кои се борат Македонците. Јас сум тука прилично голем оптимист дека ќе можеме полесно да се договориме“, рече Ѓоргиев.
Според него, сепак очекува жестока дебата меѓу историчарите од двете земји за крајот на 19 и почетокот на 20 век.
„Крајот на 19 век, почетокот на 20 век, ќе биде многу проблематичен“, рече Ѓорѓиев во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.







