„Во историјата постојат повеќе примери на организирано дејствување на Македонците во Бугарија преку политички и културни друштва, кои програмски ги застапувале и заштитувале македонските политички и национални интереси. Првите чекори на македонското организирано дејствување во бугарската држава може да се забележат во 80-тите години на 19 век.“ – пишува Далибор Станковиќ во својата статија со наслов „Лозата на нашиот засебен историски, културен и етнографски карактер“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„„Од историските архиви: списанието ‘Лоза’ и Младата македонска книжевна дружина“
Станковиќ пишува: „Со особена активност врз македонска национална основа се пројавува Младата македонска книжевна дружина (ММКД), која го издава списанието ‘Лоза’, поради што нејзините дејци се познати и како ‘лозарите’. Тие со својата дејност го прикажуваат посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија, а истовремено прифатиле нов правопис и јазик на печатење на споменатото списание. Поради македонската национална и политичка активност, Младата македонска книжевна дружина (ММКД) била растурена. Бугарската Влада го забранила списанието ‘Лоза’.“
„Почетоците на Младата македонска книжевна дружина (ММКД) може да се датираат кон крајот на 80-тите години на 19 век, кога во Софија било организирано тајно друштво познато како Македонско студентско друштво. Особена улога во организирањето на друштвото имал истакнатиот македонски деец Коста Шахов, издавач и редактор на весникот ‘Македонија’, во кој се афирмирале интересите на Македонците. Една од главните цели на Македонското студентско друштво било спротивставувањето на пропагандите во Македонија, кои го делеле народот на Срби, Грци и Бугари.
„Македонската јазична посебност“
„Македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев за дејноста на лозарите вели: ‘Лоза’ низ своите страници на мошне вешт начин настојува да го прикаже посебниот историски, културен и етнографски карактер на Македонија. Лозарите прифатиле еден нов правопис и јазик на којшто го печателе списанието, со тенденција тој да послужи како основа за идниот литературен јазик на Македонија.“
„Лозарите прифатиле нов правопис и јазик што се печател во списанието ‘Лоза’. Новината се состоела во отстранување на знаците ъ и ь од крајот на зборовите, а за означување на мекоста се предвидувал симболот (`), за членување на машкиот род во еднина се отфрлала формата ьт и се заменувала со от. За означување на дифтонзите я и ю се употребувале i + a = ја, i + y = ю.“
„Тенденцијата за нов правопис и јазик е особено видлива во расказот ‘На Мокров (расказ од животот на Македонците)’, напишан од Петар Поп Арсов и објавен во ‘Лоза’. Поп Арсов во својот расказ за меките македонски консонанти ја употребува формата на графеми, онака како што Крсте Петков Мисирков ја употребил 11 години подоцна во делото ‘За македонцките работи“.
Интернет-врска до целата статија:





