Претседавачот на македонскиот тим во Мешовитата бугарско-македонска комисија за историјата, Драги Ѓоргиев, вели дека шестмесечниот план за проширени разговори, како што посакува бугарскиот премиер Кирил Петков, би можел да го поттикне процесот на разговори и да ја подобри атмосферата меѓу двете земји…
Но, историско-образовните недоразбирања не може да се разгледуваат на ист начин и со иста динамика како оние од инфраструктурата, бизнисот и културата, вели Ѓорѓиев за „Фокус“.
„Прашањата што ги разгледува историската Комисија по својата суштина и сложеност и по својот интензитет и чувствителност се неспоредливи и сосема различни во однос на предизвиците со кои ќе треба да се справуваат новопланираните работни тела.
Историјата секогаш ќе биде на врвот на интересот на јавноста и целосно дефокусирање е невозможно. Поставувањето рокови за постигнување резултати во работата на Комисијата е контрапродуктивно за нејзината работата.
Штетата од какви било избрзани одлуки донесени под притисок на временски рокови диктирани од политиката, би била непоправлива.
Недоволно обмислени и површни одлуки што не би биле прифатени во двете општества би создале ситуација полоша и од сегашната, која трајно ќе ја наруши довербата меѓу двете општества и двата народа и тоа би било тешко поправливо.
Оттука, сметам дека рокот од шест месеци за постигнување резултати за историско-образовните прашања е нерационален, а изедначувањето на историската комисија со другите тела што би се формирале, е несоодветно – вели Ѓоргиев за „Фокус“.







