Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, и неговиот соиграч од националниот тим Филип Маџунков се избрани од Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за амбасадори на годинашното Европско првенство, на кое еден од четирите соорганизатори е и Македонија.
„Горд што сум најавен како амбасадор на #EuroVolleyM за изданието за 2023 година. Соништата се остваруваат 🙏🏼❤️🇲🇰“, напиша најдобриот македонски одбојкар на својот профил на Твитер.
„Голема чест е што сум именуван за амбасадор на Евроволеј; Возбуден сум што Македонија е домаќин на претстојниот Евроволеј, кој ќе биде еден од најголемите спортски настани, можеби најголемиот кај нас“, е цитиран Маџунков од ЦЕВ.
ЕП 2023 во одбојка, на кое ќе настапат 24 селекции, ќе се одржи од 28 август до 16 септември, а покрај Македонија, кодомаќини се и Италија, Бугарија и Израел.
Македонија е домаќин на групата Ц во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во која ќе стартува на 30 август против Данска, на 2 септември ќе игра со Црна Гора, наредниот ден со Полска, на 5 септември со Холандија и ден подоцна со Чешка.






