Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев денеска објави дека се кандидира за претседател на државата.
Но со одбивањето на прес конференцијата да одговори на прашања на новинарите тој создаде дилема кај јавноста дали ја има поддршката од неговата партија да стане претседател или самоиницијативно се кандидира за местото шеф на државата.
“Објавувам и кажувам дека се кандидирам за претседател. Имам искуство, мотивација, знаење, чесност и лојалност. Ја знам цела Македонија и ќе појдам во секој град, секој дом, кај граѓаните на република Македонија и ќе ја побарам вашата доверба зашто се надевам и мислам дека сум ја заслужил“, рече Ѓорчев на прес конференцијата во Собранието.
Ѓорчев кој вели дека не се плаши од кандидатот на СДСМ кој и да биде.
Опозицијата најави дека својот кандидат избран од сите пријавени кандидати ќе го избере на конвенција во Струга кон средината на февруари.
Ѓорчев уште не ја беше завршил прес конференцијата а СДСМ веќе реагираше на неговата кандидатура.
“Првиот кандидат кој јавно обелодени дека сака да застане рамо до рамо со Христијан Мицкоски, против ЕУ и НАТО, да тргне по антизападните стапки на Груевски и Иванов”, објави СДСМ во соопштение.





