„Уште 2001 година кога поради Рамковниот договор го отваравме Уставот им понудивме да ги внесеме и Бугарите во нашиот Устав како дел од народ, но тогашниот премиер Костов и неговите соработници тоа го одбија.



Тие едноставно сметаа дека они се мнозинство во Македонија,“ изјави поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Тој не е оптимист дека Бугарија наскоро ќе го одблокира македонскиот пат кон Брисел.

„ Бугарија нема да го тргне ветото. Тие политичари што би го направиле тоа би се посипале со пепел. Едноставно нивната јавност не може да го издржи тоа. Има еден парадокс, Тодор Живков од една страна го сметаат за диктатор, а од друга страна неговиот концепт кон Македонија не го напуштаат. Напротив, сите партии го подржуваат тој однос познат како македонизам воспоставен од Живков Така да нема таму подобра или полоша партија кон македонското прашање, ставовите на сите се речиси идентични со живковизмот,“ изјави Ѓорчев

Според него тоа што го прави Бугарија не се европски вредности, Таму ако се декларираш како Македонец макар и на пописот ќе те проверат и ги губиш сите шанси за просперитет. На пример, никогаш нема да се запишеш на Воена академија. Кај нас не е така, имаме Бугари судии, директори кои слободно се изјаснуваат и просперираат.

Ѓорчев проблемот, кој ги вратил повторно националистите и говорот на омраза на голема врата го лоцира во Договорот за пријателство кој не е рамноправен и реципроцитетен и ги фаворизира бугарските интереси.

„ Потребен е реципроцитет. За жал кога се преговараше мене како амбасадор никој не ме консултираше. Додека преговараа министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар Виктор Димовски јас седев во ходникот. Никој не ме слушаше иако ги предупредив дека главната кочница ќе биде заедничката историја и дека тоа треба да се избегне по секоја цена. Тоа беше всушност кукавичкото јајце подметнато од Бугарија.

Но тие имаа брилијанетен преговрач кој велеше дека ако не стои заедничката историја договорот ќе биде проблематичен ќе страдаат бугарските интереси. Ние треба да споделуваме и градиме  европски вредности, да се фокусираме на транспорот, културата, туризмот економијата. Историјата да им ја оставиме на историчарите,на научниците ,“ рече амбасадорот Ѓорчев.