„Ѓорче Петров, противникот на бугарската политика кон Македонија, се бореше за независна македонска држава!“

„На страниците на македонската историја, Ѓорче Петров останува засекогаш забележан со златни букви како еден од најголемите водачи и идеолози на македонското револуционерно движење кон крајот на 19 век. Бил главен застапник за самостојност на македонското револуционерно движење и главен противник на дипломатијата и политикантството. Со својата револуционерна активност се пројавил како противник на бугарската државна политика кон Македонија и нејзино приклучување кон бугарската држава.“ – се наведува во статијата со наслов „Ѓорче Петров – икона на борбата за независна македонска држава“, објавена во весникот „Нова Македонија“.



„По повод 101 година од смртта на големиот македонски револуционер Ѓорче Петров“

Покрај другото, во оваа статија пишува: „Како идеолог, заедно со Гоце Делчев го создава првиот устав на Македонската револуционерна организација (МРО). Туше Влахов, кој и самиот бил вклучен во македонското револуционерно движење, во својата книга пишува дека при изработката на споменатиот устав Гоце Делчев и Ѓорче Петров ги внеле своите крајно радикални идеи – повикувале на обединување на сите Македонци. Ѓорче Петров бил антагонистички настроен кон црковната и училишната политика на Бугарската егзархија во Македонија.“

„По Балканските војни и Првата светска војна, се повлекол од активно учество во македонското револуционерно движење. Но до крајот на својот живот останал приврзаник на идејата за македонска независна држава, противник на бугарската политика кон Македонија и заштитник на македонските идеали и принципи. Ѓорче Петров е убиен на 28 јуни 1921 година во Софија, по наредба на Тодор Александров.“