Крајно сум разочаран од одлуката што значи дека нема да можам да останам во Австралија и да се натпреварувам на Австралија опен. Но, јас ја почитувам оваа одлука и ќе соработувам со властите за моето заминување од Австралија, изјави Новак Ѓоковиќ откако не беше прифатена ќалбата на неговиот адвокатски тим против одлуката за укинување на австралиската виза..
„Засрамен сум што последните неколку недели целото внимание беше насочено кон мене и се надевам дека сега ќе можеме да се фокусираме на натпреварите и турнирот што го сакам. Би сакал да им посакам успешен турнир на играчите, натпреварувачките работници, волонтерите и навивачите ширум светот.
И, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите и сонародниците за нивната постојана поддршка. Тоа ми даде многу сила“, се вели во првичната реакција на Ѓоковиќ по одлуката за негова депортација од Австралија.
Федералниот суд на Австралија утрово одлучи да го депортира светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ. Жалбата на тенисерот, на денешниот состанок на судот беше одбиена. Федералниот суд ја потврди претходната одлука на министерот за имиграција и културна разновидност на Австралија, Алекс Хоук, за одземање на визата на спортистот.
Според австралиската влада, присуството на Ѓоковиќ во земјата е јавна закана, бидејќи за многумина, особено за луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, тој е икона и пример. Адвокатите на тенисерот уверуваат дека ваквата одлука нема доволно докази.
Додаваме дека додека постапката за случајот Ѓоковиќ траеше неколку дена, неколку тенисери беа депортирани од Австралија поради истата причина.






