Одложена е одлуката на австралискиот министер за имиграција, Алекс Хок, дали на Новак Ѓоковиќ ќе му се дозволи да остане во Австралија или ќе биде депортиран, објави весникот „Сиднеј морнинг хералд“.



Владата имаше четири часа да реши дали ќе го задржи Ѓоковиќ во притвор, но откако тоа време истече, тој е слободен да си оди.

Утрово по средноевропско време Ѓоковиќ го доби случајот против владата на Австралија пред Федералниот суд.

Според судијата Ентони Кели, Ѓоковиќ го добил потребното медицинско ослободување од вакцинацијата против Ковид-19 пред да отпатува во Мелбурн на тенискиот турнир Австралија опен и приложи докази за тоа кога слетал во средата навечер.

Новак Ѓоковиќ нема да добие решение за депортација од Австралија, изјавиле сигурни извори на на весникот „Ејџ“ од Австралија, и новинарот Ентони Галовеј, додека неговиот колега Пол Сакал изјавил дека Ѓоковиќ наскоро ќе биде слободен човек.

Сепак не е се’ решено бидејќи веднаш по судењето беше објавено дека министерот за имиграција Алекс Хок има дискреционо право да му ја одземе визата на српскиот тенисер, а таква одлука може да донесе утре или во некој од наредните денови.

Ова го потврдија државните правобранители.

Организаторите на Австралија опен му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата.

Новак, доколку нема неочекувани промени, ќе учествува на Австралија опен во 2022 година, каде ќе атакува на десетата титула во Мелбурн, и 21-ва на Грен слем турнирите во кариерата.