Ѓеорѓиевски: Создаваме нова иднина за Кисела Вода – нова поликлиника во Расадник, 3200 паркинг места и 70 хектари паркови

Потребни се промени во секоја една општина низ Македонија, но да бидеме реални и да си признаеме, на Кисела Вода и требаат најмногу промени. Имаме нефункционална општина, имаме нечисти населби, имаме неасфалтирани и улици со кал во 21 век, имаме бетонизација на секое парче зеленило, имаме еден куп проблеми, рече Орце Ѓеорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Кисела Вода на вечерашниот митинг.



Ѓеорѓиевски рече дека тој нуди конкретни решенија за проблемите на жителите на општина Кисела Вода. Имаме проекти, додаде тој, кои се осмислени како спој помеѓу граѓаните и експертската јавност и имаме програма која конкретна со јасни временски интервали кога ќе се реализира.

Притоа тој издвои неколку проекти и области во кои ќе се развива општината, кои како што рече се неопходни и ќе се реализираат во наредниве 4 години.

„Ќе започнам со најприоритетните проекти, а тоа е ревитализација на сите патишта во Кисела Вода, затоа што додека овие од власта газат по патот на провизиите, нашите граѓани газат во кал. Приоритет е да нема неасфалтирано сокаче, а не пак улица во Кисела Вода. Итно премостување од груба бетонизација на секое ќоше, во развоен план за општината каде што ќе има 70 хектари паркови и зеленило. Нешто што сега го нема и фали. И кога ќе чуете дека СДСМ се фали дека има зеленило во Кисела Вода, најверојатно мислат на жбуновите и тревите што растат на сред улициве во ископаните дупки”, рече Ѓеорѓиевски.

Тој укажа дека „најжешката тема во Кисела Вода во моментов е темата Расадник”.

„Јавно, јасно и гласно, ветувам и се обврзувам, дека за Расадник ќе биде распишан меѓународен конкурс, каде што вие граѓаните ќе ги постават условите како да се развива, а фирми од цела Европа ќе можат да конкурираат за идејно решение. Расадник ќе биде населба на можности и зеленило, а не населба со 100 згради како што планираат во СДСМ”, рече Ѓеорѓиевски.

Ѓеорѓиевски вети поликлиника, решавање на сообраќајниот хаос. Се обврзувам, рече тој, дека во Кисела Вода, поточно во Расадник, ќе има поликлиника на крајот од мандатот. Вети и решавање на сообраќајниот хаос и нови паркинг места. Се обврза дека за 4 години ќе изгради помеѓу 2700 и 3200 нови паркинг места.

Ѓеорѓиевски рече дека во неговиот план за општината предвидува отворање на нови работни места, квалитетно образование и изградба на објекти, меѓу кои и спортски сали.