Патот на којшто сега се наоѓате е двонасочен: првиот е билатерално да продолжи ангажираноста со Бугарија, нешто што и сега Владата го прави, со цел да се постигне заемно прифатливо решение и второ: да се продолжи со напредокот во реформите, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на онлајн конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции, пренесе МИА
„Точно е дека преговорите ќе почнат тогаш кога ќе има договор, меѓутоа, нема причина во меѓувреме да се чека да не се спроведуваат реформите, бидејќи тоа само ќе го забрза патот понатаму и тоа е во интерес на сите граѓани. Колку повеќе напредуваме во реформите, толку поблиску ќе биде државата кон Европската Унија“ изјави евроамбасадорот.
Тој порача дека преговарачкиот процес е сепопфатен, што влијае врз секој аспект од животот, оти ќе има подеми и падови, но бенефитите од пристапувањето ќе бидат многу појасни и поконкретни во текот на самиот процес на пристапување.
„ Треба да бидеме подготвени за сеопфатен процес и ангажираност во негови рамки. Се работи за комплексен процес што бара развој и мобилизација на значителна експертиза за тие цели и потребна е ангажираност на целокупното општество. Не можете само да се сетите – ајде сега Владата да испорача, тоа не е можно, секако дека Владата е потребна во тој процес, но потребни се и локалните власти, разните државни институции, медиумите, бизнисот, граѓанското општество, сите тие заедно да го одиграат својот удел во овој проект од национален процес“, рече Гир.
Евроамбасадорот повтори дека целиот овој процес треба да биде придвижуван од самата држава, но и на локално ниво. (МИА)





