Неказнивоста во земјава е зголемена по измените на Кривичниот законик (КЗ) што Собранието ги донесе на почетокот на септември минатата година, а тоа го привлече вниманието и предизвикува загриженост во ЕУ, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА.



„Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост.

И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори“, вели Гир одговарајќи на прашање за проблемот  со корупцијата со кој се соочува Македонија.

Корупцијата го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда, предупредува шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Како што вели, очекувањата на ЕУ се борбата против корупцијата да биде една од главните области каде властите во земјава треба да бидат активни.