Фудбалската федерација на Македонија реши при распределбата на влезниците за настапите на македонската репрезентација на Европското првенство 2021 да им да де предност на здравствените работници, како благодарност за нивната улога во справувањето со епидемијата на Ковид-19.



„Одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата биде под контрола, како резултат на натчовечките напори и заложби кои секојдневно ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид-19, како што се докторите, сестрите и техничкиот персонал“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

„Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и заштитната униформа со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите фудбалери ќе ги постигнат на ЕП“, додаде тој.

Македонија првите две средби од групата со Австрија и со Украина во јуни ќе ги одигра во Букурешт, а последната против Холандија во Амстердам.