„Сега, кога Заев после изборите ќе истрча на ледот, онака храбро и збралевно, со она ручено свиткано во ево-ти-га-на (тој прочуен Зокиев pas de deux), веќе никого нема да импресионира. Ни овде дома, ни меѓу странците.
Оти сите веќе знаеме дека под блескавиот костум нашиот несуден принц крие – муда од лабуда! – пишува новинарот Бранко Героски во колумна за Плусинфо.
Героски, во анализата на тоа што можат да донесат престојните избори тврди дека СДСМ нема да триумфира:
За да се смета за неприкосновен победник, партијата на Зоран Заев треба да постигне подобар резултат од претходните локални избори од 2017 година, на кои конкурентската ВМРО-ДПМНЕ освои 120 советнички места помалку од СДСМ и само 4 градоначалнички мандати. За да објави победа, пак, СДСМ треба да оствари кумулативен резултат од најмалку 30.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ во трката за советничките места и најмалку 35 градоначалнички мандати. Според моето мислење, тоа е тешко остварливо.
Секој друг резултат за СДСМ ќе значи или „нерешено“ или пораз.
Без оглед каков ќе биде крајниот исход од трката, јас сум убеден дека ситуацијата во Македонија после овие избори неизбежно ќе се промени. Парламентарната опозиција ќе зајакне, a Заев конечно ќе зачекори на тенок лед. Всушност, тој веќе е таму, само или не знае, или не му кажуваат. Внимавајте, не сакам да бидам злобен и да ве убедувам дека тој веќе ја пее својата „лебедова песна“. Неговите панични врескања во кампањата не се ни налик на тажните и мелодични крици што ги испуштаат лебедите во своите претсмртни арии.
Не, гледајќи го во кампањата овој нервозен, лут, разгоропаден Заев, јас сум просто убеден дека во четвртиот чин на своето „Лебедово езеро“, среде бурата и во битката со лошиот волшебник, нашиот несуден принц Зигфрид ќе влета со некаков неартикулиран лизгачки старт и со други ниски удари и подлости, уништувајќи ја така убавината на битката со „злото“, пропуштајќи ја својата шанса со една магична саможртва сепак да ја преживее страшната бура и заедно со својата љубов, кралицата на лебедите Одета, да зачекори во нов живот, во зората што се раѓа.
Ма курац фини, да ми извините! Ништо од тоа нема да се случи!






