…„Тој што ќе донесе одлука децата да се вратат во училишните клупи треба да биде сигурен дека нашите образовни институции имаат капацитети и ресурси да го обезбедат нужното физичко дистанцирање на учениците во текот на целото време додека се предадени на грижа на наставниците, што ќе рече и кога се на час, но и кога се во ходниците и во училишните дворови.  Тој што ќе донесе и што ќе потпише таква одлука треба да биде сигурен што прави и каква одговорност презема“, пишува новинарот Бранко Героски во колумна за Плусинфо.



Героски вели дека родителите не смеат да дозволат било кој да експериментира со здравјето децата.

„Тој што ќе донесе одлука децата да се вратат во училишните клупи ќе се соочи со политичка, но и со кривична одговорност.

Го потенцирам ова за да укажам на потребата да се биде свесен за тежината на една таква одлука. Нашите деца се во прашање. Да не заборавиме, во почетокот на епидемијата, првата рестриктивна одлука беше прекинот на наставата во училиштата. Се покажа дека тоа беше навремена, одговорна и добра мерка за спречување на ширењето на заразата меѓу најмладите.

Околу најавата дека во септември сепак училиштата ќе ги отворат вратите и токму тогаш кога се очекуваат и сезонски грипови и настинки Героски пишува:

„Теоретски – ама само теоретски! – единствениот начин да се обезбеди целосно безбеден престој на децата во училиштата е секое дете, буквално секој ден, пред да влезе на настава, да биде тестирано со брз ПЦР тест. Се разбира, тоа го нема никаде на светот. Само кај Трамп се влегува со негативен ПЦР тест, кој се прави додека се чека на прием.

Затоа, јас велам да не си ставаме трн во здрава нога. Враќањето на децата на училиште од 1 септември, кога се очекува нов бран на епидемијата, ќе биде еден голем и ризичен експеримент“.