Гледам дека во главата на Заев се случува една опасна збрка. Страхувам дека таа збрка и тие опасни тези во преговорите со Софија се продаваат како македонски ставови и позиции. И затоа мислам дека ова е моментот кога на Заев мора сериозно да му се каже дека неговото „лидерство” во овој процес и неговите инфантилни „креации” многу сериозно ги загрозуваат македонските национални интереси, пишува новинарот Бранко Героски во Плусинфо.
Заев треба остро да се предупреди дека од неговите лупинзи во овој момент ентузијастички се воодушевуваат само неколку наши домашни антимакедонисти. Тие се полоши и од Каракачанов, за среќа сепак се само кловнови без сериозно политичко влијание. Го поддржуваат луѓето кои со оваа власт се поврзани на клиентилистичка основа. И секако, го бодрат странски државници и дипломати кои веруваат дека еден ваков деликатен спор може да се реши на тој начин што двете страни едноставно ќе се најдат некаде на половина пат.
Ние, огромното мнозинство Македонци, знаеме кои сме и што сме. Ние сме Македонци, ги почитуваме сите соседни народи и никого не загрозуваме. Си ги обичаме и Б’ лгарите, естетствено, та дури некои од нас ги чувствуваат блиски како браќа (јас, на пример). Но, ние сепак немаме ист баштá, не сме браќа на тој начин. Не сме и никогаш не сме биле еден народ. Нема ни да бидеме. И дајте еднаш веќе да се помириме со тоа!
(…)
Крајно време е своите идеи за решението на спорот со Бугарија премиерот Заев да ги сподели со македонската јавност, со својот народ. Така е сепак најдобро. Ако тие идеи се добри и ако навистина не го засегаат македонскиот национален идентитет, лидерот на СДСМ нема од што да се плаши. Од народот и од сите политички фактори ќе добие поддршка.
Но, се сомневам дека сепак се преговара за идентитетот, за јазикот, за нашата национална посебност и самобитност, за нашите корени, но и за нашата иднина. Тоа се прашања за кои Заев нема мандат да преговара со никого. Никој нема таков мандат.
Да повторам, за да биде кристалнк јасно, а Заев конечно да сфати – ние ги разбираме манипулациите на кои можеби и тој им кумува. Тезите „еден јазик, два признати” и „двајца браќа, еден татко” се варијации на тезата „еден народ, две држави”. Прифаќањето на овие тези значи директно и грубо негирање на идентитетит на македонската нација.
Тоа во Македонија нема да помине. Дури мислам дека нема да помине ни во Софија.






