Главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“, Бранко Героски утрово поднесе оставка.



Оставката ја поднел до Мирослав Јовановиќ, косопственик и управител на „Слободен печат“ ДОО – Скопје.

Героски беше основач и повеќе од пет години го водеше весникот.

Во текстот на оставката Героски вели дека со сопствениците и менаџерите на весникот „различно гледаме на прашањето на уредувачката политика, на потребата на кој начин еден слободарски весник треба да негува критички однос кон властите во насока на засилени заложби за добро и одговорно владеење…

Мислам дека моите напори за менаџирање на односите погрешно беа разбрани и протолкувани како грчевита борба за мојата функција, што не е точно. Треба да имате на ум дека јас успешно раководам медиуми речиси четврт век. Но, секогаш кога сум доведен во ситуација да избирам меѓу етичките принципи што ми значат и на професионалноста што е одлика на мојата работа, од една страна, и етикецијата, односно задоволството да бидам нарекуван главен уредник, од друга страна, јас без размислување ја избирам првата опција…

И затоа, без дилеми, без жалење, меѓу функцијата и професијата, одлучно ја избирам – професијата. Јас сум слободен новинар и човек и не можам да бидам ништо друго, во ниту една димензија на моето постоење и дејствување како новинар и јавна личност“ вели Гериоски во оставката што во целост ја пренесува „Плусинфо“.