Новинарот Бранко Героски реагира на денешната изјава на претседателот Стево Пендаровски дека државата нема да пропаднела од 3.000 Бугари во Уставот.
„Тој или не разбира (малку веројатно) или не сака да разбере што навистина ќе значи промената на Уставот“, вели Героски според кој постои опасност граѓанството да биде заведено од оваа манипулативна теза.
„Ако Бугарија не го прифати историскиот наратив од Преамбулата на Уставот и другите одредби од Уставот кои зборуваат за атрибутите на македонскиот национален идентитет – а нема да го прифати тоа! – и ако решението е Бугарите да бидат „додадени“ во Преамбулата на Уставот, тогаш во Уставот нема да влезат само 3.000 Бугари.
Не, претседателе Пендаровски!
Во таков случај, во Уставот ќе влезат 3.000 декларирани и попишани Бугари, уште најмалку 100.000 Македонци кои при аплицирањето за бугарски пасоши се декларирале како Бугари по потекло, но и уште неколку стотици илјади „неосознаени“ Македонци, кои во периодот што претстои ќе бидат под силен притисок да се „осознаат“ како Бугари – откако историската комисија ќе прифати нови и нови компромиси во насока на бугаризација на македонската историја и откако сето тоа педантно ќе биде запишано во учебниците од кои ќе учат нашите потомци.
Кој тоа не може да го види, тој од носот подалеку не гледа!
Секако, има начин да разговараме за внесување на 3.000 Бугари во Уставот.
Но, само ако не се чепка Преамбулата“, пишува Героски во анализа за Плусинфо.






