Али Ахмети и Артан Груби секој ден се фалат со достигнувањата на ДУИ, партија која речиси две децении е на власт. Велат, четири од десет нови вработувања во јавната администрација сега се „резервирани“ за Албанците. Голем дел од капиталните инвестиции и од вкупните буџетски трансфери се насочени во регионите со доминантно албанско население. Половина од владините министри и функционери се Албанци. Груби е прв вицепремиер, или, подобро речено, втор премиер. Бујар Османи е шеф на дипломатијата…
„Ова се неспорни факти, пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плусинфо.
Има и многу други такви. Да повторам, за сево ова зборуваат Ахмети, Груби и Османи, на трибините на кои водат битка со фракцијата во својата партија. А Алфа малфа, Телма мелма и другите медиуми за тоа опсежно известуваат. И со право се фалат челниците на ДУИ.
Статусот на Албанците во Македонија е драстично подобрен во последните две децении, ама баш во секоја смисла – со словото на Уставот и на законите, институционално и во реалниот живот. Голем дел од тие достигнувања се заслуга на Али Ахмети.
Но, во меѓувреме, припадниците на една друга голема етничка заедница во Македонија, поголема од албанската, стануваат граѓани од втор ред. Тоа сме ние, Македонците. Веројатно и во оваа теза има предрасуда и претерување, но факт е дека Македонците денес се дискриминирани во сопствената држава – со словото на Уставот и на законите, институционално и во реалниот живот, потсетува Героски и вели дека „Али Ахмети треба да се убеди дека огромното мнозинство Македонци не го сметаат него, Груби, Османи и другите Албанци виновни за својата мизерна судбина..“
Героски велик дека Македонците не се плашат дека Македонија станува Албанија, но страхуваат дека сѐ помалку е Македонија. Сѐ помалку е своја. Кога Али Ахмети вели дека Македонија нема да ја биде без Албанци, тоа не е говор на омраза. Но, не е говор на омраза и кога ние велиме дека Македонија нема да ја биде без Македонци, или со обезличени и шкопени Македонци.
Конечно, Ахмети, Груби и Османи треба да се соочат и со фактот дека со своите политики и изјави – без оглед на веројатно добрите намери – го продлабочуваат јазот на недовербата меѓу Македонците и Албанците. Ќе објаснам зошто го велам ова, иако можеби она што ќе го прочита сега мојот пријател Али пак нема да му се допадне и ќе го иритира.
Ќе беше чесно, а и политички одговорно, албанските политички првенци да дозволат дебатата за чувствителните прашања и за наметнатите уцени во спорот со Бугарија прво да ја завршиме ние, Македонците, меѓу себе. Не затоа што ова е наша држава, во која другите се потстанари. Не, тоа одамна не е така, да не се лажеме. Туку затоа што нашиот идентитет е засегнат. Не албанскиот. Нашата историја не се признава. Не албанската. За Самоил и за Гоце Делчев се преговара. Не за Скендербег. Иако и Скендербег бил Бугарин, велат софиските политичари. Нашата глава е на трупецот, а не главата на Али Ахмети“, пишува Героски.
На крај Героски вели:
Признавам, ми треба помош и гест од искрен пријател. Од оној Али Ахмети, којшто еднаш, во Мала Речица, ако не се лажам, лично ми вети дека Албанците нема да ги „продаваат“ Македонците кога ќе дојде на дневен ред „онаа работа“ со Бугарите. А, да не грешам душа, можеби такво нешто никогаш не ми било речено во нашите пријателски разговори, можеби нешто погрешно сум разбрал или ми се присторило, како во онаа српската – шта је баби мило, тој јој се и снило.






