Јас не сум Ламбе, не барам Ламбе да биде ослободен од одговорност и барам за него правда и праведен исход на кривичниот прогон на кој е изложен.
За него, како и за сите други. Бидејќи сите треба да сме еднакви пред законот.
А не сме. И тоа, за жал, се гледа и во случајот на Ламбе, пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плусинфо“ насловена „Не сме сите Ламбе, ама не сме ни слепци и глупаци“!
Во досегашната постапка Ламбе Алабаковски веќе се соочи со првата очигледна неправда, оценува Героски. Определен му е притвор од 8 дена. Тврдам, без никаква сериозна основа, како привремена казна и веројатно за атер на Бугарите.
Ако им се верува на истражните органи, Алабаковски го признал делото. Ако му се верува на министерот Оливер Спасовски, собрани се многу материјални докази дека токму Ламбе ја запалил вратата на клубот во Битола. Сето тоа ни укажува дека истрагата е завршена или се приведува кон крајот, без никаква можност осомничениот да влијае и врз истражителите и врз сведоците. Впрочем, да повторам – тој самиот признал дека го сторил делото.
Зошто тогаш треба да биде во притвор цели 8 дена?
Затоа што имал двојно државјанство, па можел да избега? Ма дајте, немојте од нас да правите будали! Десетици, ако не и стотици илјади луѓе во оваа држава имаат двојно државјанство. Сите ли ќе избегаат?
Или, пак, има некаква тајна службена белешка на АНБ, дека баш Ламбе ќе избегал?
Белешките беа во мода, можеби уште се. Се чудам, сепак, како тоа немаше таква белешка кога Ден Дончев кидна од Македонија, откако беше осомничен за рекет?!
А можеби притворот за Ламбе сепак е само за да се импресионира Софија…“ прашува меѓу другото Героски.







