…си велам себеси, а му велам и на секој добронамерник – не трчај ко прле пред Заев!- пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плусинфо“, во која потсетува дека и пред средбата на Зоран Заев со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, што се случи кон крајот на јануари 2018 година се најавуваше компромисно решение, „но се уште мантраше дека се преговара само за ерга омнес име за надворешна употреба и ветуваше дека нема да се менува Уставот“.
(…)
„Имам чувство дека и сегашната жива дебата за спорот меѓу Софија и Скопје, во која учествуваат јавни личности од двете страни, му оди во прилог на Зоран Заев. Внимавајте добро на таа итроштина, драги мои! Би можел да се обложам дека тој, на своите многубројни средби со бугарскиот премиер Бојко Борисов, има ветено сѐ и сешто, брда и долини, слично како и на онаа фамозна средба со Ципрас во Давос. И убеден сум дека сега муртинецот чека полемиката да се развие и да се вжешти до степен што сите ќе помислиме дека компромисните решенија за отворените прашања, што ги стокмил во тие разговори со Борисов (или му се стокмени од знаете кого), се прифатливи. После сѐ ќе биде полесно…
Многу пати сум објаснувал зошто спорот меѓу Македонија и Бугарија е многу посериозен и потежок од нашиот спор со Грција. За разлика од вториот, во чија основа беше полемиката за наследството на империјата на Филип и на Александар (кое често го нарекувував „празно множество“ во идентитетска смисла), нашиот спор со Бугарите не е ирационален, бидејќи полемизираме за прашања кои длабоко го засегаат нашиот национален идентитет. Се разбира, јас сум убеден дека двете страни можат да најдат решенија за сите спорни прашања, ако ние Македонците се обидеме да ги разбереме бугарските позиции, но пред сѐ ако Бугарите ја прифатат самобитноста на македонската нација, со сите нејзини атрибути, како неспорен историски факт.
Не сакам да ја обесхрабрувам јавната дебата за овие теми.
(…)
Имајте на ум дека итриот Заев ќе ги злоупотреби и ставовите и аргументите на сите истакнати македонски интелектуалци кои деновиве ги анализираат сите аспекти на спорот со Бугарија и добронамерно го едуцираат и го советуваат премиерот што да прави.
Ве уверувам дека на крајот Заев ќе се приклони кон позициите на малкутемина домашни антимакедонисти (ретки се, но има и такви во пропагандистичката тајфа на СДСМ), кои веќе со месеци посакуваат и објавуваат смрт на Македонија и на сѐ што е македонско. И сите ние што помислуваме на компромиси и што политиката ја разбираме како вештина на можното ќе се почувствуваме изманипулирани од прекупецот.
Ете затоа, си велам себеси, а му велам и на секој добронамерник – не трчај ко прле пред Заев!
Дај му шанса на муртинецот сам да ни каже кој пат фатил. Нека се заколне пак, да го слушнеме. Има тој платени министри, советници, пропагандисти. Да ги слушнеме и тие да кажат како мислат да ги решат спорните прашања со Бугарите. И ајде да видиме што му ветувал Заев на Борисов. Заев сѐ уште го дише нашиот македонски воздух и време е да ни каже до кога мисли да го дише – сакам да кажам, да го дише како таков, како македонски“.






