Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека наскоро ќе замине за Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во услови на, како што рече, „многу сериозна“ ситуација на украинската граница.
Канцеларот кој во недела и понеделник ќе го посети Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, вели дека со околу 130.000 војници во близина на границата со Украина, рускиот претседател може да се подготвува за инвазија.
„Не може да се игнорира фактот дека има многу војници и единици на украинската граница. Сето ова може да биде предуслов за воена акција. Затоа е толку важно да бидеме многу јасни во она што го кажуваме – имено дека заканата за територијалниот суверенитет и интегритетот на Украина може да има многу висока цена. И мислам дека таа порака беше разбрана“, рече Шолц.







