Бугарија сака да биде доверлива членка на НАТО, а не тројански коњ на Русија. Но, колку повеќе се поврзува со Западот, толку побурна станува реакцијата на Русија, се вели во 23-минутната програма на радиото Deutschlandfunk за Бугарија со наслов „Бугарија – сцена на нова геополитика во Црното Море“.
„Од почетокот на војната во Украина, Црното Море е важна локација за конфронтација меѓу Русија и НАТО. Затоа и двете страни се борат за влијание во црноморските држави.
Една од нив е Бугарија. Во принцип, јасно е со кого е Бугарија: Таа е членка на ЕУ и НАТО. Но НАТО се сомнева во Бугарија“, вели на почетокот авторката на емисијата Маргарет Волан, како што пренесува бугарскиот сервис на „Дојче веле“.
Дали Бугарија навистина е Ахилова пета на НАТО? – прашува авторката и објаснува дека Кремљ продолжува да се обидува да го прошири своето влијание во Бугарија, а општеството воопшто не е обединето околу политиката што ја води ЕУ.
Во емисијата има и изјава на бугарскиот историчар Стефан Дечев. Тој објаснува дека во Бугарија поддржувачите на Путин и војната се малцинство, но прават многу врева.
„Но, такви луѓе има и во државниот врв и во тајните служби, што влијае на севкупната надворешна политика и позициите на Бугарија на меѓународната сцена“, вели Дечев.
Авторката објаснува дека тоа се однесува на претседателот Румен Радев, кој, според неа, во последните години се профилирал како политички центар на про-Кремљ кампот во земјата и продолжува да долева масло на огнот на бугарското општество, кој е силно поларизиран во однос на Русија.
„Нација, неутралност, суверенитет – под овие пароли псевдопатриотските партии денеска ја блокираат работата во парламентот и го загрозуваат јавниот мир“, вели новинарот на Дојчландфунк и го претставува вака лидерот на „Вазраждане“, Костадин Костадинов, кој има прекар – Копејкин.
„Државата е беспомошна. Ниту едно бугарско министерство нема оддел за стратешка комуникација. Контраразузнавањето замижува. Неоконзервативните сили во државните медиуми шират омраза“, вели експертот за медиуми Георги Лозанов.
Новинарот смета дека Бугарија е традиционално проевропска земја, но во моментов таму виреат скептицизам и антиамериканизам.
„Црното Море одамна стана бојно поле меѓу НАТО и Русија. Бугарија е црноморска земја која е директно погодена од конфликтот“.
Ова е и констатацијата на Јордан Божилов, претседател на Софискиот безбедносен форум, кој тврди дека Русија има превласт во Црното Море.
„Путин сака со сите средства да ги спречи поранешните советски републики како Украина, Грузија или Молдавија да влезат во НАТО, а Црното Море да стане море на НАТО.
Затоа членките на НАТО и ЕУ, Бугарија и Романија, кои некогаш припаѓаа на Варшавскиот пакт, играат сè поважна улога во овој конфликт“, се вели во емисијатга на германското јавно радио.






