Европратеникот Рајнхард Бутикофер од Германија го навлече гневот на своите бугарски колеги и на премиерот Николај Денков при споменувањето на Македонија во дебатата во Европскиот парламент во Стразбур по излагањето на високиот гостин од Бугарија.
Сè започна со критиките од бугарскиот европарламентарец Ангел Џамбаски до Денков и до претседателот на парламентарната група „Обнови ја Европа“, кој се заложи за прием на Бугарија во Шенген.
„Не спомнавте ниту еден збор за репресијата, насилството, негирањето на правото на самоопределување. Во вашата група има луѓе кои се прават дека не го гледаат насилството врз Бугарите во Македонија. Објаснете им“, рече Џамбаски.
„Не го спомнавте името на Северна Македонија, чиј пристап до ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“, возврати Бутикофер од групата на Зелените/Европската слободна алијанса. „Може ли некој да ги доведе во прашање искрените европски аспирации на Северна Македонија, која отиде дотаму што го промени своето име за да ја отвори вратата кон Европа? По говорот на омраза на г-дин Џамбаски, би сакал да ве замолам господине премиер да бидете поконкретни – што ќе направите за да ја отворите вратата на Северна Македонија?“.
На ова одреагира прво бугарскиот европратеник од европските конзервативци и реформисти Андреј Слабаков со зборовите: „Сакам да му кажам на колегата од Зелените дека кога тепаат и убиваат Бугари и им забрануваат да се самоопределуваат, не ми кажувајте дека Џамбаски користи јазик на омразата. Едноставно, дознајте што се случува во Македонија“.
„Ние бевме првата земја во светот што ја призна Северна Македонија како независна европска земја“, реплицира потоа премиерот Денков, додавајќи: „За жал, со текот на годините, нашите односи се влошија и не мислам дека Бугарија е виновна за тоа. Затоа, сакам јасно да кажам дека Бугарија во моментов нема други барања кон Северна Македонија, освен оние што беа утврдени во одлуката на ЕУ минатата година. Денеска нема билатерални односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, постојат односи меѓу Северна Македонија и ЕУ. Нив мора да ги исполни Северна Македонија, за да се отвори преговарачкиот процес. И во тој поглед, не прифаќам никаква критика на нашата земја денес“.






